На 25.11.2026 година Транспаренси Интернешнл-Македонија, во партнерство со Државната комисија за спречување на корупцијата, одржа работилница на тема: „Улогата на овластените лица за прием на пријави од укажувачи во постапувањето со пријави и практични аспекти“.
На работилницата присуствуваа 30 овластени лица за прием на пријави од укажувачи во јавниот сектор, кои имаа можност да ги унапредат своите знаења и капацитети преку практична примена на инструментот заштитено пријавување. Практичниот дел од дискусијата беше воден од Ирена Поповска раководител на сектор за спречување корупција во Државна комисија за спречување на корупција како водечка институција во заштитата на укажувачите. Преку порактични примери беа објаснети дел од дилемите кои овластените лица ги имаат при прием на пријави од укажувачи и нивното процесирање.
Во рамките на работилницата, Marie Terracol од Transparency International, преку онлајн-панел, одржа излагање на тема „Внатрешни системи за укажување: принципи на добра практика“. Во своето излагање таа ги претстави и ги опфати најдобрите европски практики во областа на заштитеното пријавување, со посебен осврт на принципите и механизмите за воспоставување ефикасни внатрешни системи за укажување.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија, Благоја Пандовски во своето обраќање истакна: „Оваа работилница е посветена на исклучително важните, но можеби недоволно разработени компоненти на системот за спречување на корупција. Тоа е заштита на укажувачите и практичното функционирање на механизмите за пријавување на неправилности и корупција. Борбата против корупцијата започнува многу порано, таа не започнува со самото отпочнување на постапката туку започнува во моментот кога некој ќе одлучи да проговори за неправилност која ја забележан, за злоупотреба на службена положба или за незаконито постапување во средината во која работи.
Токму во тој момент се поставува едно суштинско прашање: Дали системот ќе го заштити оној што одлучил да постапи одговорно или ќе го остави сам да се соочи со последиците за својата одлука. Ова прашање ја поставува вистинската вредност за системот за заштита на укажувачите, укажувањето не треба да се доживува како чин на нелојалност кон институцијата, како нарушување на колегијалните односи или како личен конфликт. Напротив тоа е чин на професионална и општествена одговорност, лицето кое укажува на неправилности придонесува за заштита на јавниот интерес, за законито работење на институциите и за зачувување на довербата на граѓаните во јавниот сектор.“
Претставникот и член на Државната комисија за спречување на корупцијата Зоран Богоевски во своето обраќање истакна: „Денес не сме собрани да зборуваме за закон во апстракција, туку за луѓе. Укажувачот е човек што одлучил да проговори за неправилност злоупотреба или корупција, често свесен дека со тоа ризикува притисок и изолација на работното место,па можеби и одмазда. Таа одлука не е лесна затоа она што ќе се случи по неа во голема мера зависи од вас, вие овластените лица за прием на пријави сте правата точка на контакт помеѓу укажувачот и институцијата. Вашата улога е многу повеќе од формално исполнување на законската обврска. Начинот на кој ќе ја примите пријавата, професионално доверливо и сериозно одлучува дали укажувачот ќе му поверува на системот или ќе заклучи дека нема смисла да се зборува. Затоа неколку работи бараат посебно внимание: Прво заштитата на идентитетот на укажувачот којшто всушност е основа на целиот систем на заштита на укажувачи. Второ уредна евиденција и почитување на законските рокови за постапување по пријавите и трето навремено информирање на укажувачот за тоа што се случува со неговата пријава. И четврто препознавањето на ризикот од одмазда и брзо реагирање кога таков ризик постои.
Комисијата е една од институциите каде што може да се врши надворешно пријавување. Нашата улога не е само да постапуваме по пријави, сакаме да бидеме ваш партнер да ви дадеме поддршка насоки и одговор кога ќе се најдете пред дилема.“
Претставничката на Амбасадата на Република Франција Емили Бло во своето обраќање се осврна на важноста на граѓанскиот сектор во општеството, односно: „Одржливите промени бараат силна вклученост од граѓанскиот сектор и од таа причина Фондот против корупција, основан од Агенцијата за развој на Франција поддржува ваков вид на активности кои придонесуваат кон подобрување на состојбите во насока на антикорупција. Ефективната борба против корупцијата бара соработка помеѓу јавниот и граѓанскиот сектор но исто така и кај приватниот сектор.“
Во рамките на работилницата, дополнително беше истакната важноста на детекцијата на корупцијата во областа на животната средина , беше презентирано истражувањето “Детекција на корупцијата во областа на животната средина”. Главна цел на истражувањето е анализа на законодавство во животната средина и детекција на можна корупција во сите делови на животната средина, како и можности за зајакнување на улогата на укажувачите во детекција на коруптивни активности во оваа област.
Работилницата беше спроведена во рамките на проектот „Зајакнување на укажувачите во борбата против корупцијата (EWAC)“, поддржан од Француската агенција за развој (Agence française de développement), а имплементиран преку Експертиз Франс (Expertise France).









