Укажувачите како еден од механизмите за обелоденување на неправилностите на работното место со кое се повредува или загрозува јавниот интерес претставува една од темите кои сè уште се актуелни.
Европската Унија повторно во најновиот Извештај за владеење на правото ја потенцираше важноста за заштита на укажувачите:
„Заштитата на укажувачите останува недоволна, бидејќи ревизијата на Законот за заштита на укажувачите не напредува. Иако процесот на консултации и ревизија на Законот за заштита на укажувачите, со цел негово усогласување со правото на Европската Унија (acquis), започна во декември 2023 година, а нацрт-законот ја заврши фазата на меѓуресорска консултација во рамките на Владата во март 2026 година, сè уште нема јасна временска рамка за негово усвојување во Собранието.
Засегнатите страни посочуваат дека малиот број пријави од укажувачи е поврзан со недоволната заштита и поддршка за укажувачите, како и со недостигот од ефикасни механизми за заштита од одмазднички мерки.“
Дека постои потреба од забрзување на процесот на носење на новото законско решение реагираа и граѓанските организации посочувајќи дека со носењето на новото законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата, а за што креаторите на политики и носителите на јавни функции искажуваат недвосмислена заложба.
Транспаренси Интернешнл-Македонија како организација која долги години се залага за правата и заштитата на укажувачите во изминатиот период изготви Извештај како дел од регионалниот извештај „Заштитени или изложени? Заштитата на укажувачите во Западен Балкан: Напредок и предизвици“. Извештајот ја анализира заштитата на укажувачите во пет земји од Западен Балкан, оценувајќи колку постојните законски рамки обезбедуваат вистинска заштита во пракса. Тој ги разгледува усогласеноста со Директивата на ЕУ, примената на законите, клучните предизвици и слабости во системите за пријавување и заштита, преку примери од праксата, и нуди препораки за унапредување на механизмите што ќе овозможат поефикасна и посигурна заштита на укажувачите.
Од институциите назначени за надворешни канали за прием на пријави од укажувачи Државната Комисија за спречување на корупцијата како водечка институција која се залага за правата и заштитата на укажувачите постојано ја потенцира потребата од поголема промоција на укажувачите како концепт и нивната заштита. „Имено, само 27 пријави од „укажувачи“ се евидентирани низ целата ланска година, што значи дека граѓаните не се охрабрени да кажуваат за корупција и системски аномалии. До Антикорупциска лани стигнале 15 пријави од надворешни укажувачи. Друг проблем е што институциите не ја почитуваат ниту обврската до Антикорупциската комисија да праќаат полугодишни извештаи поврзани токму со укажувачите. Во првите шест месеци од 2025 само 108 институции ја исполниле својата должност, а во вториот дел од годината – 164 институции“ Констатација на Претседателот Чучуљ на 30-тата седница на Државната Комисија за спречување на корупцијата.
Потребата од поголема промоција за разбирање на законот може да се увиди и во употребата на зборот „свиркач“ во пошироката јавност и медиумите наместо „укажувач“ што е официјален термин кој се употребува во законското решение во националното законодавство.
Подигнувањето на нивото на свесност за механизмот укажувач е повеќе од потребен заради зголемување на посочувањата на неправилностите во работното опкружување заради јавен интерес и ефективна и ефикасна превенција и репресија.








