Потребата да се спротивставиме на каква било неправилност во работното опкружување кај луѓето е најчесто и вроден инстинкт. Многу често во секојдневното опкружување се соочуваме со некаква неправилност, нешто неетичко и неодговорно и реагираме. Но, дали доколку се соочиме со некаква злоупотреба или штетно и коруптивно дејствие на работното место би се охрабриле да го пријавиме без страв дека ќе имаме било какви последици? Таквите храбри граѓани кои се охрабриле и пријавиле неправилности се укажувачите и се многу моќна алатка во борбата против корупцијата. Клучната улога на укажувачите се вреднува бидејќи тие пријавуваат неправилности од внатре, односно се во процесот на случувањата и имаат јасна слика што всушност се случува.
Овозможувањето на безбедна средина на укажувачите е повеќе од клучна особено во мали држави како нашата. Воспоставување на заштитени, самостојни и безбедни процедури за пријави на неправилности од страна на укажувачите е еден од основните чекори на овозможување на поволна средина. На тој начин создаваме услови за укажувачите да се охрабрат и да пријават неправилности без страв од понатамошни последици.
Светскиот ден на укажувачите го посветуваме на овие храбри граѓани кои се спротивставуваат на неправилностите кои ги забележале и придонесуваат за подобра иднина на сите чинители на општеството.
Оваа кампања ги вклучува челниците на водечките институции за надворешно пријавување и Министерството за правда, укажувајќи ја важноста и потребата на укажувачите во борбата против корупцијата.
Транспаренси Интернешнл-Македонија како организација со најдолга посветеност на заштитата на укажувачите и прв иницијатор за донесување на Закон за заштита на укажувачите Ви овозможува начин да пријавите безбедно и анонимно на нашата платформа за пријавување на GlobaLeaks. Оваа платформа Ви овозможува да комуницирате со нашиот правен центар анонимно. Откако ќе ја поднесете пријавата ќе добиете автоматски генериран 16-цифрен код којшто ќе Ви биде потребен доколку сакате да комуницирате со нас или да го видите нашиот одговор и постапување по доставената пријава.
Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М) не е институција надлежна за надворешно пријавување на укажувачи и со пријава до ТИ-М не се стекнувате со статус укажувач. Пријавата до ТИ-М не е согласно со Законот за укажувачи и за истата ќе добиете правна помош од тимот на ТИ-М.
Институции кои се надлежни за надворешно пријавување се Министерство за внатрешни работи, Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител и Јавното Обвинителство.
#WWBD2026
#SupportWhistleblowers
#ReportCorruption














