Колку е важна улогата на укажувачите и нивниот придонес во успешно детектирање, справување и расветлување на коруптивни дејствија покажуваат и последните случувања кои што беа објавени во јавноста.
Според објава на Радио Слободна Европа во месец февруари оваа година против поранешниот директор на СОЗР, имало пријави до институциите и од вработени за незаконски постапувања, односно “укажувач“ пријавил незаконско работење на СОЗР, а финансиската полиција подоцна поднесе кривична пријава. Според објавата вработена во СОЗР во неколку наврати пријавувала во Државната комисија за спречување на корупцијата. Во пријавата до Антикорупциска, која датира од јуни 2019 година, вработената – претседателка на Централна пописна комисија во СОЗР, пријавила закани, мобинг и фалсификување на извештај за извршениот попис на институцијата.
Многу важен сегмент од ваквите состојби е детектирање на значењето на укажувачите како и нивна заштита. Поаѓајќи од нивната важност дека истите се внатре во средината на случувањата на неправилностите и од внатре можат да помогнат на органите на прогон потребна е нивна заштита. Укажувачите се првата алка која што укажува/посочува дека некоја неправилност се случува, истите можат да работат во организацијата и да пријават неправилности и да соработуваат за спречување на истите.
Укажувачите се храбри граѓани со високо ниво на свест дека со својата реакција прават нешто подобро за опшеството, се спротиставуваат на неправилностите кои секојдневно ги гледаат на своите работни места. Но, многу често истите се обесхрабрени поради подоцнежниот третман и недоволна заштита. Одмаздничките дејствија со кои подоцна се соочуваат од страна на лицата кои се пријавени многу често ги одвраќаат укажувачите гласно да зборуваат. Укажувачите се соочуваат со губење на своето работно место, мобинг како и негативни дејствија врз себе и своите блиски. Затоа е многу важно пред да се одлучат да поднесат пријава и да се здобијат со статусот на укажувач претходно да се подготват. Да се консултираат и запознаат со националното законодавство кое им ги гарантира правата и најважно заштитата. Подготвувајќи се себе си за правата и одговорностите подоцна го намалува влијанието на одмазда со која што би можеле да се соочат.
Во нашето законодавство институции со доделени законски надлежности за прмање на пријави од укажувачи се: Државната Комисија за спречување на корупција, Јавно обвинителство на РСМ, Народниот Прабобранител и Министерството за внатрешни работи. Овие инситутции се законски обврзани да примаат пријави и да обезбедат заштита на укажувачите под одредена законска постапка пропишана во Законот за заштита за укажувачите. За да едно лице се здобие статус на укажувач постои законска процедура и затоа луѓето кои што сакаат да пријават неправилност треба да го следат Законот, да се информираат за суштината и целтта на самиот поим укажувач.
Со сигурност можеме да посочиме дека системот и механизмите за заштита на укажувачите во нашата држава не се на завидно ниво. Сите чинители на овој систем треба заедно, континуирано и посветено да работиме на подигање на свеста за важноста на укажувачите како вредна алатка во борбата против корупцијата. Преку обезбедување на услови за безбедно пријавување од страна на укажувачите и понатамошно спроведување на целата постапка како и нивна заштита за да не настапат последици од било каков вид за искажаните неправилности.
Транспаренси Интернешнл Македонија како организација со најдолга посветеност на заштитата на укажувачите нуди бесплатно советување на сите потенцијални укажувачи како подобро да бидат информирани и да постапуваат согласно Законот за заштита на укажувачите за да се намали потенцијална последица за себе и блиски лица.