Новата рамка за самооценување на Транспаренси Интернешнл за внатрешните системи за укажување е вредна алатка што им помага на организациите да воспостават системи за најдобри практики коишто ги штитат интересите и во јавниот и во приватниот сектор
Од заштита на јавните интереси до заштита на оние на организациите во сите сектори, вредноста на укажувачите сѐ повеќе се препознава. Бројни неодамнешни случаи покажуваат дека укажувањето е еден од најефикасните начини за откривање на корупцијата, измамите, лошото управување и други неправилности што го загрозуваат јавното здравје и безбедност, финансискиот интегритет, човековите права и животната средина.
Од суштинско значење е организациите да ги охрабруваат луѓето да зборуваат против недоличното однесување, обезбедувајќи им безбедни, ефективни, внатрешни канали за пријавување и цврста заштита од одмазда. Доколку луѓето се чувствуваат небезбедни да зборуваат преку внатрешните канали за пријавување, тие може да се обратат до надлежните институции или дури и да направат јавно обелоденување, заобиколувајќи ја организацијата во којашто работат од можноста да го реши проблемот пред да ескалира. Или тие едноставно може да молчат, а неправилното постапување што го загрозува јавниот интерес, финансиите и угледот на организацијата може да остане нерешено.
Препознавајќи го ова, сè поголем број национални закони бараат од организациите да имплементираат внатрешен систем за укажување којшто им овозможува на вработените и засегнатите страни внатрешно да изразат загриженост за потенцијално недолично однесување. На пример, во земјите-членки на Европската унија, повеќето јавни и приватни организации се обврзани да имаат ефективен внатрешен систем за укажување што обезбедува безбедни, доверливи канали за пријавување, ги штити укажувачите од одмазда и ги решава нивните пријави.
Системите со најдобра практика носат моќни придобивки
Ефективен внатрешен систем за укажување е моќна алатка за управување со ризик и превенција, што помага да се заштитат организациите од недолично однесување – вклучувајќи законска одговорност, штета на угледот и сериозни финансиски загуби. Со поттикнување доверба, транспарентност и отчетност, стабилниот внатрешен систем за укажување обезбедува вистински придобивки за културата, нивниот бренд, создавањето вредности и растот на организацијата.
И покрај овие придобивки, многу организации не успеваат кога станува збор за имплементација на такви системи. Некои ненамерно ги занемаруваат виталните елементи, додека други преземаат минимални чекори, гледајќи ја имплементацијата на внатрешен систем за укажување само како pro forma којашто се налага заради исполнување на законските обврски.
Како одговор, Транспаренси Интернешнл создаде нова рамка за самооценување на внатрешен систем за укажување којашто ги поддржува организациите во воспоставувањето, спроведувањето и прегледувањето на нивните внатрешни системи за укажување. Со разгледување на наодите, организациите можат да утврдат дека нивниот внатрешен систем за укажување е ефективен и ги исполнува најдобрите практики и меѓународните стандарди.
Потенцирање на недостатоците во системот
Рамката е насочена кон организации во јавниот, приватниот и „третиот“ сектор во било која јурисдикција, вклучувајќи ги и меѓународните организации како што се Обединетите нации. Надоврзувајќи се на „Внатрешните системи за укажување на Транспаренси Интернешнл – Принципи за најдобра практика за јавни и приватни организации“, таа вклучува 130 прашања што опфаќаат осум димензии на ефективен внатрешен систем на укажување, од неговиот опсег и заштитата што ја нуди, до комуникација во и за системот и следење на неговата ефикасност.
Прашањата се дизајнирани на начин да ги откријат сите фактори што би можеле да го компромитираат внатрешниот систем за укажување на организацијата, како што се празнините во видот на престапот што го покрива, кој може да пријави и дали заштитата што ја обезбедува за укажувачите е сеопфатна. Рамката им овозможува на корисниците да проценат дали системот на нивната организација е ранлив на прекршување на доверливоста или конфликт на интереси и дали е достапен за сите, без оглед на полот или социјалното потекло. Тие, исто така, можат да идентификуваат каде се потребни подобрувања во области како што се „speak up” културата во нивната организација, улогите и одговорностите во рамките на внатрешниот систем за укажување, водење евиденција и програми за обука.
Рамката е лесна за следење, насочувајќи ги корисниците преку одговарање на прашањата, документирање на силните и слабите страни, анализа на наодите и развивање конкретни препораки за подобрување на внатрешните системи за укажување. Неговата структура ја отсликува најдобрата практика на внатрешните системи за укажување на Транспаренси Интернешнл за јавниот и приватниот сектор, помагајќи им на организациите да ги лоцираат релевантните принципи и насоки кога сакаат да ги подобрат специфичните аспекти на нивниот систем.
Подобрување преку увид
Сознанијата добиени од рамката може да утврдат реформирање и подобрувања во процедурите за укажување, за зајакнување на добрите практики, утврдување на празнините и подобрување на ефективноста на системот.
Со здружување на различни организациски одделенија и тела со цел да помогнат во анализата на одговорите, да се развијат препораки и да се договорат следните чекори, корисниците можат да интегрираат повратни информации од различни перспективи, истовремено зголемувајќи го разбирањето на процесот на пријавување во организацијата. Чекорите за зајакнување на внатрешниот систем за укажување може да вклучуваат ажурирање на политиките, подобрување на стратегиите за комуникација, измена на шаблоните за договори за вработување и надворешни услуги или подобрување преку програмите за обука за подобра поддршка на потенцијалните укажувачи.
Рамката, исто така, проверува дали организацијата соодветно ги прегледува своите внатрешни системи за укажување, вклучително и преку годишен мониторинг и темелна проценка на секои три години за да се осигура дека системот ги исполнува меѓународните стандарди. Редовното самооценување обезбедува можности за континуирано учење и развој, помагајќи им на организациите да останат ажурирани за најдобрите практики, да се прилагодат на новите очекувања и регулативи и ефикасно да одговорат на новите предизвици во заштитата на укажувачите.
Репутациски придобивки од проценката на внатрешниот систем за укажување
Придобивките од самооценувањето се многу подалеку од самиот процес. Завршувањето на проценката е проактивна мерка што ја покажува посветеноста на организацијата на транспарентност, интегритет и етичко однесување, поттикнување доверба меѓу персоналот и поттикнување култура на одговорност во којашто луѓето се чувствуваат безбедно да пријават погрешни постапки без страв од одмазда.
Демонстрирајќи фокус на самоевалуација и подобрување, тие градат доверба и со надворешните засегнати страни, вклучувајќи ги регулаторите, партнерите и јавноста – од клучно значење за одржување на позитивна репутација и обезбедување долгорочна одржливост.
Користена редовно, рамката обезбедува вредна алатка за да им помогне на организациите да го максимизираат својот интегритет, финансиска сигурност и углед и да ги исполнат законските обврски – заштитувајќи го и јавниот и нивниот интерес од ризиците поврзани со несоодветната заштита на укажувачите.
Рамката за самооценување на внатрешниот систем за укажување на Транспаренси Интернешнл беше изработена во рамките на проектот SAFE4Whisteblowers финансиран од ЕУ. Принципите за најдобра практика на Транспаренси Интернешнл за внатрешни системи за дојавување беа произведени во рамките на проектот „Speak up Europe“ финансиран од ЕУ.
Извор: Транспаренси Интернешнл