Укажувачите претставуваат моќна сила за интегритет и транспарентност. Тие откриваат скриени неправилности, разобличуваат злоупотреба на моќта и помагаат институциите и поединците да бидат повикани на одговорност. Но во денешниот свет, каде што дезинформациите и кампањите со лажни вести се во подем, укажувачите се двојно поранливи. Тие стануваат цели на координирани напади чија цел е да ја поткопаат нивната доверливост, да ги заплашат за да молчат и да ја изманипулираат јавната перцепција.
Овие напади се јавуваат во многу форми. Софистицирани онлајн кампањи за оцрнување ги засилуваат лажните информации и поттикнуваат сомнежи за мотивите и карактерот на укажувачот. Клеветнички тужби, често нарекувани стратешки тужби против учество на јавноста (SLAPPs), сè почесто се користат за малтретирање, заплашување и дискредитирање на оние што се осмелуваат да проговорат. Истовремено, укажувачите, од нивната уникатна перспектива внатре во организациите, можат да ја пресечат маглата на дезинформациите и да откријат не само измами и злоупотреби, туку и механизмите преку кои се создаваат и ширaт лажните информации.
На Светскиот ден на укажувачите, ја славиме нивната незаменлива улога во зајакнувањето на интегритетот и заштитата на правото на јавноста да знае. Истовремено размислуваме и за сè поголемата потреба од заштита на овие храбри поединци од одмазда, онлајн напади, правно заплашување, па дури и физичко насилство — затоа што кога укажувачите се замолчени, сите ние трпиме поради ослабената одговорност, правичност и доверба во институциите.
Вклучување аларм за лажен ангажман
Земете го примерот на Софи Жанг, поранешен специјалист за податоци во Фејсбук. Таа поминала три години како дел од тим задолжен за идентификување на „лажен ангажман“. Жанг открила како лажни страници биле користени за манипулирање со политичкиот дискурс во повеќе земји низ светот, вклучувајќи ги Хондурас, Азербејџан, Индија, Еквадор, Италија, Полска и Украина. Таа пронашла јасни докази дека неавтентични активности – како лажни „лајкови“ и споделувања – вештачки го поддржувале имиџот на политичките лидери и го задушувале легитимниот јавен дискурс.
Жанг изјавува дека повеќепати ги пријавувала своите грижи до менаџерите, вклучително и до високото раководство. Со исклучок на неколку случаи, таа била постојано информирана дека нема доволно ресурси за да се постапи по сите пријави.
Во 2020 година, откако била отпуштена од Фејсбук поради „слаби перформанси“ – што таа го толкува како последица од нејзиниот приоритет да се искорени лажниот ангажман, наспроти наредбите од менаџментот – Жанг напишала меморандум со детали за своите наоди и го објавила на внатрешен канал. Подоцна, тој запис бил објавен од страна на BuzzFeed.
Нејзините откритија покажаа како неактивноста на платформата ѝ овозможила на авторитарни режими и корумпирани функционери да ја манипулираат јавната перцепција. Нејзиното јавното истапување на скапо ја чинеше. Таа се соочи со огромен притисок, ризик од правни постапки и загрозени перспективи за идната кариера.
Во интервју за The Guardian, таа опиша колку случајот негативно влијаел врз нејзиното ментално здравје. „Беше премногу оптоварувачки и фрустрирачки. Се обидував да го решам проблемот внатре во Фејсбук… Разговарав со мојот менаџер, со менаџерот на мојот менаџер, со различни тимови, и со потпретседател на компанијата – детално. Повторно и повторно се обидував да ги натерам луѓето да преземат нешто…“
И покрај сè, Жанг и понатаму се залага за посилна регулација на онлајн платформите.
Фрлање светлина врз штетите од алгоритмите
Жанг е пионерка – но не е единствената што укажала на внатрешните практики на Фејсбук. Само една година подоцна, Франсис Хауген, уште една поранешна вработена, обелодени илјадници внатрешни документи кои станаа познати како „Фејсбук досиеја“ (The Facebook Files).
Како продукт менаџер во тимот за граѓански дезинформации, Хауген одблиску видела како алгоритмите на Фејсбук го даваат приоритет на ангажманот – дури и кога тоа значело ширење на штетна содржина. Нејзината загриженост значително се зголемила по распуштањето на тимот за граѓански интегритет кон крајот на 2020 година, по што почнала да собира документи што покажуваат како раководството не реагирало на внатрешни предупредувања.
Откако си дала отказ во мај 2021 година, Хауген ги споделила документите со новинари и американски законодавци. Нејзиното сведочење пред Конгресот откри до кој степен моделот на Фејсбук заснован на ангажман придонел за ширење говор на омраза, дезинформации и содржини што поттикнуваат насилство.
Ефрем Јалике-Нгонзо: Разоткривање на странската пропагандна машина
Додека некои укажувачи ги откриваат дигиталните манипулации од внатре во глобалните технолошки компании, други разоткриваат како дезинформациите се шират на терен – понекогаш со огромен личен ризик. Во Централноафриканската Република (ЦАР), новинарот Ефрем Јалике-Нгонзо стана првата личност што даде детална слика за координираната руска дезинформациска операција во земјата.
Во 2019 година, додека работел за провладиниот медиум Le Potentiel Centrafricain, Јалике-Нгонзо бил контактиран од човек поврзан со Вагнер – руска паравоена група која дејствува во ЦАР. Прво му било побарано да пишува про-руски статии што ги фалат воените и хуманитарните напори. Но до 2022 година, барањата значително се зголемиле. Јалике-Нгонзо вели дека му било наложено да координира пропагандни кампањи и да прикрива злоупотреби направени од борци на Вагнер.
Тој сведочи дека, кога бил обвинет поради протекување на информации до независен медиум, бил киднапиран, однесен во оддалечена шума и испрашуван – искуство што го натерало тајно да стапи во контакт со новинарската мрежа Forbidden Stories. По закани со смрт, се сокрил и на крај, со поддршка од Платформата за заштита на укажувачи во Африка (PPLAAF), побегнал од земјата. Неговите откритија придонесоа за обемна истрага, објавена во 2024 година, која ја разоткри целосната распространетост на руската информациска војна во ЦАР.
Заштита на оние што ја зборуваат вистината
Без разлика дали се спротивставуваат на моќни технолошки компании или на тајни дезинформациски кампањи, укажувачи како Жанг, Хауген и Јалике-Нгонзо ги ризикуваат своите кариери – а понекогаш и своите животи – за да ја донесат вистината на виделина. Нивните постапки откриваат злоупотреби, разобличуваат неправди и ѝ помагаат на јавноста да се соочи со проблеми што инаку би останале скриени.
Но, оддавањето признание за нивната храброст не треба да се сведува само на пофалби. Тоа значи зајакнување на законските заштити, создавање цврсти институционални механизми за поддршка и воспоставување јасни и безбедни канали преку кои укажувачите можат да проговорат. Без овие мерки, иднината на отчетноста е неизвесна.
Кога ќе им дадеме моќ на оние што говорат против неправдата, не го штитиме само нивниот интегритет – ја штитиме и самата срж на демократијата. Цената на молчењето е многу повисока: тоа е свет каде што дезинформациите, тајноста и неказнивоста царуваат без пречка.