Европскиот суд за човекови права пресуди дека црногорските власти не успеале да ја заштитат затворската чуварка Далиборка Спадијер од малтретирање од страна на нејзините колеги, откако таа пријавила пет од нив за малтретирање на затвореници. Судот пресуди во нејзина корист и ѝ додели 5,500 евра оштета.
„За време на постапките, судскиот вештак утврдил дека апликантката имала психолошки проблеми поврзани со конфликтот на работа и дека нејзиниот капацитет за функционирање бил трајно намален за 20 проценти поради пост-трауматско стресно растројство“, се вели во пресудата на судот со седиште во Стразбур.“
„Малтретирањето на работа влијаело врз психолошкиот интегритет на апликантката додека релевантните институции не успеале да ја заштитат“,- додадено е во пресудата.
Во јануари 2013 година, Спадијер пријавила пет од нејзините колеги за непристојно однесување за време на работа на новогодишната вечер, тврдејќи дека некои од нив влегле во затворот за жени и дека еден од нив „имал физички контакт“ со две затворенички, што било толерирано од некои од женските затворски чуварки.
Во март 2013 година, три полициски чувари биле казнети за злоупотреба на процедурите во затворот, а еден бил привремено суспендиран од работа.
Во август 2013 година, Спадијер побарала од полицискиот директорат да ја заштити од малтретирање, а три месеци подоцна покренала граѓанска постапка против нејзиниот работодавач.
„Нешто повеќе од една недела пред домашниот суд да донесе одлука во тековната граѓанска постапка, апликантката била нападната на паркинг. Напаѓачот ѝ пришол одзади и ѝ нанел неколку удари по вратот и грбот, предупредувајќи ја да внимава што прави“, се вели во пресудата на Европскиот суд.
Во февруари 2015 година, Основниот суд во Подгорица пресудил против Спадијер, тврдејќи дека не доставила докази. Во јуни 2016 година, првостепената пресуда била потврдена од Вишиот и Врховниот суд, соодветно. Откако Уставниот суд ја отфрли жалбата на Спадијер во ноември 2017 година, таа се обратила до Европскиот суд.
Во пресудата од Европскиот суд се вели дека Црна Гора го прекршила член 13 од Конвенцијата за заштита на човекови права и фундаментални слободи, во која се вели дека сите мора да имаат ефикасен правен лек пред националниот орган дури и ако прекршувањето е сторено од луѓе кои дејствуваат во службена должност.
Минатата година, извештајот на американскиот Стејт департмент за практиките на човековите права предупреди за наводната полициска тортура и тепање затвореници во затворите и притворните центри во Црна Гора.
Во извештајот се вели дека невладините организации тврдат дека неколку полицајци за кои било утврдено дека се одговорни за кршење на правилата на нивната служба, вклучително и случаи на прекумерна употреба на сила, останале на своите работни места.
„Неказнивоста остана проблем во безбедносните сили, особено меѓу полицајците и затворските службеници“, се вели во извештајот.
Извор: Balkan Insight, https://bit.ly/3cbhchJ