Неодамна Европската Комисија објави Годишен извештај за владеење на правото за 2024 година во кој покрај други држави беше опфатена и Република Северна Македонија. Во делот кој ја опфаќа антикорупциската правна рамка како и многупати до сега се опфатени и укажувачите. Во извештајот е нотирано дека: Заштитата на укажувачите треба дополнително да се усогласи со европските стандарди.
Во петтиот круг на евалуација на ГРЕКО на тема „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт потенцирана беше препораката значително да се зајакнат мерките за практична имплементација на Законот за заштита на укажувачи во рамките на полицијата и соодветни информации да се направат достапни за јавноста.
Иако Министерството за правда уште во 2022 година формираше работна група[1] за изготвување на нов Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи истиот сè уште не е усвоен а со тоа се продолжува слабата имплементација и заштитата на укажувачите во државата.
Реалната слика за состојбите на укажувачите најдобро може да се увиди од Годишниот извештај за работа на Државната комисија за спречување на корупција.
Во Извештај се прикажани состојбите со преземените активности поврзани со имплементацијата на Законот за заштита на укажувачи и подзаконските акти од страна на Комисијата и останатите институции од јавниот сектор. Во доставените полугодишни извештаи за првата половина од 2024 година, три (3) институции известиле дека овластените лица во тие институции примиле вкупно 3 пријави од укажувачи по кои биле преземени дејствија и мерки согласно Законот за заштита на укажувачите и подзаконските акти. Во втората половина од 2024 година, две (2) институција известиле дека примиле 3 пријави од укажувачи и постапиле согласно Законот.
Извештајот презентира многу мала бројка на пријави поднесени од страна на укажувачи што е последица од ниско ниво на познавање на Законот за заштита на укажувачите како и негова практична примена. Недовербата на населението во функционирањето на институциите во државата, стравот од одмазднички дејствија по пријава на неправилности и недоволна заштита се само дел од причините кои ги одвраќаат укажувачите гласно да зборуваат.
Борбата на Манчевски против корупција на душата
Неодамна позитивно придвижување на состојбите од оваа област покажа отпочнувањето на реализацијата на блокираниот филмски проект на режисерот Милчо Манчевски.
Милчо Манчевски е најпознатиот филмски режисер во нашата држава, а неговите дела се и светски признати. Но, наместо да ја продолжи својата мисија во културата Манчевски последните години доби нова улога и тоа како укажувач.
Манчевски во последните неколку години беше во фокусот на јавноста поради стопирање на финансирањето на неговиот последен одобрен проект од страна на Агенцијата за филм.
Истрајно Манчевски својата битка ја продолжи и пред надлежните судови за остварување на своите права. По неколку години судски процес на самиот крај на 2024 година, истиот доби позитивни пресуди од Управниот суд за неправилностите што ги посочи во Агенцијата за филм. Тој доби уште една потврда за замрзнатите средства од Агенцијата за филм од Граѓанскиот суд во Скопјe на самиот почеток на 2025 година. По сите постапки и пресуди, Агенцијата за филм потпиша договор за следниот филмски проект кој беше во исчекување поради блокираните средства, а исто така потпиша и договор во кој се обврза да ги исплати своите финансиски обврски за претходно започнатиот филмски проект како и да плати дел од каматата досудена од судот.
Позицијата на Манчевски како укажувач ги покажа и слабостите во постојаниот Закон за укажувачи каде што де факто врз Манчевски се спроведува „одмазда“, а заштитните механизми изостануваат.
Следејќи ги последиците на овој пример поттикна дополнување и внесување на новини кои се усогласени со новата регулатива за заштита на укажувачите во процесот на изготвување на новиот Закон за заштитено пријавување и заштита за укажувачи кој сè уште е во процес на донесување.
Транспаренси Интернешнл Македонија ги охрабрува сите чинители во нашето општество да пријават неправилности како што тоа го направи и самиот Манчевски. Бидејќи како што кажува и тој самиот „Сликата е убава, ама зборот за мене е слобода“.
Согласно законот за заштита на укажувачите покрај пријави на укажувачи внатрешно во институцијата за која се посочува неправилности, укажувачот може да достави пријава до институции кои се назначени како канали за надворешно пријавување. Тие институции се Министерството за внатрешни работи, надлежното јавно обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата и Народниот правобранител на Република Македонија. Дополнителни информации во врска со назначените лица за прием на пријави од укажувачи од наведените надворешни канали можете да прочитате на следниот линк.
Транспаренси Интернешнл Македонија како организација со најдолга посветеност на заштитата на укажувачите и прв иницијатор за донесување на Закон за заштита на укажувачите Ви овозможува начин да пријавите безбедно и анонимно на нашата платформа за пријавување на GlobaLeaks. Оваа платформа Ви овозможува да комуницирате со нашиот правен центар анонимно. Откако ќе ја поднесете пријавата ќе добиете автоматски генериран 16-цифрен код којшто ќе Ви биде потребен доколку сакате да комуницирате со нас или да го видите нашиот одговор и постапување по доставената пријава[2].
[1]https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=74474
[2] Транспаренси Интернешнл-Македонија (ТИ-М) не е институција надлежна за надворешно пријавување на укажувачи и со пријава до ТИ-М не се стекнувате со статус укажувач. Пријавата до ТИ-М не е согласно со Законот за укажувачи и за истата ќе добиете правна помош од тимот на ТИ-М.
Институции кои се надлежни за надворешно пријавување се Министерство за внатрешни работи, Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител и Јавното Обвинителство.