Годишниот состанок на Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа, чиј домаќин беше членката на коалицијата – Граѓанска Алијанса Црна Гора, се одржа на 21 март 2024 година во Подгорица, Црна Гора.
Претставник на ТИ-Македонија на состанокот на Коалицијата беше генералниот секретар Методи Зајков.
На настанот присуствуваа членовите на Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа, претставници од државните и јавните институции во Црна Гора и други клучни фигури од граѓанското општество во областа на укажувачите и антикорупцијата. Состанокот беше отворен со воведни зборови, мотивациски говор и со доделување на наградите за слободен говор на Коалицијата.
Коалицијата активно се залага за транспонирање на ЕУ Директивата 2019/1937 за заштита на укажувачите во националните закони во југоисточна Европа преку поддржувачки пристап и истакнување на придобивките од овој процес.
Во неговото воведно обраќање, г-дин Рикардо Сери, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора, истакна дека улогата на укажувачите е поважна од кога било, бидејќи тие се клучни актери во антикорупцискиот синџир. Г-дин Сери, исто така, истакна дека покрај добрите национални закони, од клучно значење е да се создаде поволна средина за укажувачите.
Г-дин Никола Наумовски, виш советник за борба против корупцијата при Секретаријатот на РАИ, кажа дека Секретаријатот на РАИ ја поддржува работата на Коалицијата од нејзиното формирање, како признание за важноста на соработката помеѓу владиниот и невладиниот сектор за ефикасна заштита на укажувачите.
„Во регионот наидов на таква надеж, ентузијазам, атмосфера на сериозност и искреност за демократијата и еднаквоста што не ја гледате во ниту еден дел од светот. Промената не се случува преку ноќ, но ние нема да се откажеме. Ќе го направиме тоа на вистински начин. Премногу сум горд што сум дел од оваа иницијатива“ – истакна Марк Ворт, ко-координатор на Коалицијата.
Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа, формирана во 2015 година со поддршка на РАИ, е првата регионална иницијатива на граѓанското општество во светот посветена на подобрување на правата и заштитата на укажувачите и промовирање на укажувањето како ефективна алатка за борбата против корупцијата.
Годишните состаноци на Коалицијата се исто така можност да се прослави успехот, да се доловат научените лекции и да послужат за зајакнување на Коалицијата, проширување на членството и диверзификација.
Извор: https://rai-see.org/annual-meeting-of-the-southeast-europe-coalition-on-whistleblower-protection/