Пишува: Горан Лефков
Изчезнувањето на 25 милиони евра од опсегот на Косовската Даночна управа во 2012 година, е кошмарот кој мачи средновечениот Мурат Мехмети од Митровица. Одговорен за истражувањата на даночните измами во Косовската даночна управа, постојано го прогонува помислата дека иднината на неговата држава, иднината на неговите деца и внуци е ограбена од страна на организирана криминална група за финансиски измами. Оваа група преку 4 компании регистрирани во Оф шор администрации како Белизe, Кипар, Британските девствени острови и слични даночни раеви преку испратени 300 фактури на истотолку компании успеала да ги „ограби“ идните поколенија на Република Косово за 25 милиони евра.
Целиот живот Мурат работел чесно. Неговиот живот и неговата кариера се ставени во функција на заштита на граѓаните. Пред да започне со работа во Даночната Управа на Косово, Мурат работи како полициски инспектор повеќе од 10 години. Таму ја завршува кариерата 2012 година. Научен на ред и дисциплина, случајот го пријавува кај специјалниот јавен обвинител Али Реџа.
Реџа тогаш издејствувал компаниите да вратат 2,2 милиони евра или помалку од 10% од целата проневерена сума и застанал со истрагата. Тој се правдал со изговор дека ќе се поправат компаниите и дека ќе им дал дополнителна шанса. Ова му го пали алармот на Мурат.
Набргу потоа истрагата и личноста на Мурат, повторно се на тапет. Овој пат кај заменик директорот на Даночната управа на Косово. Првично на Мурат му нудат да го унапредат во повисока позиција. За возврат Мурат ќе треба да се откаже од една од најголемите даночни измами во најновата држава во Европа. Косово во тој момент е држава само неколку години. Мурат Мехмети, влегува со многу голем ентузијазам да помогне на својата држава и да го постави даночниот систем на нозе бидејќи без добар даночен систем е свесен дека ќе заврши како неколку држави во Централна Африка кои банкротираа неможејќи да соберат даноци.
Но во моментот кога го одбива унапредувањето против него започнуваат истраги за лошо работење. Го обвинуваат дека неосновано барал податоци за некои компании од банките.
Маките на Мурат секојдневно растат. Од една страна на душата му тежи што криминалот на компаниите не е расчистен, од друга страна притисокот и ударот на финансиската мафија испреплетена во различните институции и фирми го притиска на најразлични начини.
Конечно во 2016 година, Мурат Махмети одлучи да стави крај на агонијата во која живее. Реши да излезе јавно во емисијата „Јета н Косова“. Ја објасни целата шема и голготата низ која поминува еден чесен инспектор во Јавна институција.
Веднаш уште вечерта, тој доби сојузник во 2 милиони жители во Косово и уште толку надвор од него. На страната на Мурат се стави и меѓународната заедница. Тогашниот британски амбасадор во Косово Руари О Конел на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша: Затајувањето на даноците е сериозен проблем за Косово и побара целосна заштита на укажувачите.
Веднаш во новинарската екипа на Јета н Косова најде подршка но и соучесник во неговите истраги. Така да самите новинари започнаа да трагаат по докази за криминалот.
Мурат Мехмети, ја испиша историјата на Косово, укажувајќи на една од најголемите даночни измами која е фатена на Балканот. Името и ликот на Мехмети веќе се икона на сите укажувачи и праведни луѓе во Косово и пошироко. Случајот на Мехмети е типичен пример на укажувач и човек што си ја сака својата земја и што сака да и помогне со своето битисување.
Извор: https://bit.ly/3OjR1XS