За Џафери измените се добри
Власта и опозицијата и овој пат се на спротивни страни кога станува збор за казните предвидени со овој Предлог-закон. Според ВМРО-ДПМНЕ, со ниските казни се демотивираат граѓаните што решиле да бидат „свиркачи“.
„Законот кој е клучен во борбата против криминалот и корупцијата, ќе го нема саканиот ефект“, сметаат од најголемата опозициска партија.
Според СДСМ, со малите казни законот ќе заживее, бидејќи досега биле изнаоѓани начини како да биде заобиколен. Според нив, со овие измени на Предлог-законот се врши усогласување според генералниот закон за прекршоци.
Првиот човек на Собранието Талат Џафери е еден од потписниците на законот. Тој смета дека измените се добри, бидејќи во минатото, за да има мир во куќата, Законот бил повлечен.
Транспаренси Интернешенл: Законот не се применува
Според извештаите на Транспаренси Интернешенл, како држава, сепак, немаме создадено доволно услови за да заживее овој закон. Првиот човек на граѓанската организација Слаѓана Тасева вели дека немаше потреба од измени, бидејќи Законот за укажувачи, иако е донесен пред три години, не е применет.
– Ние не го применивме Законот за да видиме дали нешто треба да се менува во него. Прво требаше да се настојува сите институции да воспостават систем на пријавување од страна на укажувачи, а потоа да се види како тој систем функционира и дали има потреба од некаква интервенција во законот. Вака уште повеќе само се дерогира неговото значење и потребата од примена – вели Тасева за „Слободен печат“.
Според неа, постојниот закон предвидува систем за пријавување внатре во институцијата, но доколку луѓето се плашат, можат да пријават и во МВР, кај Народниот правобранител, во Јавното обвинителство и во Државната антикорупциска комисија.
– Тој систем функционира само во Државната комисија за спречување корупција. Имаме уште три институции кои треба да овозможат заштитено пријавување на укажувачи, но уште 1.000 институции во кои не е овозможено да се примаат пријави од укажувачи. Ние сме се заложиле и сме прифатиле да го донесеме овој закон, кој е според меѓународните конвенции. Не треба да се интервенира само во санкциите. Со намалени казни се овозможува и понатаму да не функционира системот, бидејќи полесно ќе биде да се платат казните отколку да се расчисти состојбата, или да се сносат последиците ако станува збор за незаконити дејства – вели Тасева.
Кодоши или херои?
И додека кај нас дома на укажувачите или на „свиркачите“ се гледа како на „кодоши“, во демократскиот свет овие лица се сметаат за лица со висок морален интегритет и затоа се заштитени преку разни закони.
За најпознат „свиркач“ во светски рамки сѐ уште важи информатичарот Едвард Сноуден, кој како вработен во американската Агенција за национална безбедност, (ЦИА) во јавноста објави илјадници тајни документи на разузнавачката агенција.
Во Македонија најпознати укажувачи се Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Тие го документираа масовното прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кое беше обелоденето преку т.н. „бомби“.
Автор: Весна Тодоровска, Слободен Печат