Вести
logo secwp      transparency mk
 

Пребарајте на нашиот сајт

training 24122019

24.12.2019 Сè уште не заживеал системот и механизмот за заштита на укажувачите затоа што сè уште недоволно се прави од страна на институциите од државниот и јавниот сектор, но и приватниот. Тие треба да обезбедат услови за безбедно пријавување од страна на укажувачите и понатаму да се спроведе целата постапка на начин што нема да се загрозат укажувачите и тие да не трпат последици од било каков вид за тоа што го кажале. Ова го истакна претседателката на Транспаренси Интернешнл-Македонија Слаѓана Тасева пред почетокот на обуката „Улогата на укажувачите во борбата против корупцијата“ што се одржa во Скопје.

– Досега немаме ниту еден пример позитивен, сè уште имаме многу укажувања и последни случаи за укажувачи кои имаат последици, кои водат постапки во суд заради тоа што имале последица од пријавувањето, трпеле мобинг или биле распоредувани на други работни места и друг тип последици, вели Тасева.

Законот, појасни таа, го имаме од ноември 2015 година.

– Досега требаше сите институции да востановат лица за пријавување и услови за спроведување на постапка доверлива онака како што е предвидена со закон. Едноставно системот не е поставен така да функционира и не се охрабрени вработените да пријавуваат случаи на корупција или други незаконитости во работењето, рече Тасева.

Таа смета дека треба да се зајакне соработката меѓу институциите ако сакаме ефикасност од било кој дел од системот за борба против корупцијата и криминалот, дали е тоа кривично-правната заштита, превентивата или пак заштита на укажувачите.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска вели дека до формирањето на Комисијата немало ниту една пријава.

– Законот е донесен во 2015-та, се ставил во функција од 2016 година, меѓутоа до оваа година, односно до формирањето на ова Комисија немаше ниту една пријава. Оттогаш до сега веќе се стигнати 18 пријави и тоа е охрабрувачка бројка од кои шест пријави се веќе со своја завршница. Мислам дека иако е процесот бавен, сепак поради тоа што постоела голема недоверба на граѓаните во институциите не се охрабрувале така лесно да ја пријавуваат, односно да укажуваат некакви незаконити дејства. Во нашата институција ги охрабруваме луѓето и понатаму да продолжат, доаѓаат дали како укажувачи или со обични пријави не е важно, важно е борбата против корупцијата да ја водиме со заеднички сили, смета Ивановска.

Во организација на Транспаренси Интернешнл-Македонија и Државната комисија за спречување на корупција на 24.12.2019 во Скопје се одржа обука на тема „Улогата на укажувачите во борбата против корупцијата“.

Обуката се организира во рамки на проектот „Зајакнување на укажувачите во Македонија”, финансиски поддржана од грант на Balkan Trust for Democracy, проект на German Marshall Fund на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, а го спроведуваТранспаренси Интернешнл- Македонија.

Целта е да се подобри состојбата со заштитата на правата на укажувачите и промоција на нивната улога во борбата против корупцијата.